Достапни линкови

Тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“


Државна лотарија и компаниите „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“ (илустрација)
Државна лотарија и компаниите „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“ (илустрација)

Игрите на среќа како игра на тронови. Во екот на „битката“ меѓу државата и приватните компании за (пре)власт на бизнисот со обложување и коцкање, РСЕ ги „скенира“ јавните набавки на Државната лотарија. Државна лотарија се фали со зголемен раст на приходите за 2022 година од 32 насто во споредба со 2021. Но, ако се изземат приходите од фирмите - ќерки, всушност е во минус.

  • Промоцијата и маркетингот на Државна лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“, покажува истражувањето на Радио Слободна Европа.
  • Компаниите ги добиваат тендерите во временски период кога на чело на Управниот одбор на Државна лотарија застанува Перпарим Бајрами, поранешен вработен во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Артан Груби.
  • Покрај Бајрами, уште двајца членови во Управниот и Надзорниот одбор имаат работен бекграунд во министерството на Груби.
  • Споредбата на вкупните приходи на Државна лотарија во периодот 2022/2021 година, без приходите кои компанијата ги остварува по основ на вложувања во поврзани друштва, односно приходи од исплатена дивиденда, покажува негативни финансиски резултати во работата.

Веќе извесен период, јавноста е сведок на отворената битка на „се или ништо“ помеѓу државата и приватните компании за обложување и коцкање. Во двата бизниси каде се вртат стотици милиони евра годишно, играта на сѐ или ништо се води на две нивоа - „земно“ и „виртуелно“.

Со измените на законот на игри на среќа, чиј предлог е на владата, а ги турка политичката партија ДУИ, се предвидува затворање на сите казина и обложувалници кои се наоѓаат во близина на училиште помалку од 500 метри. За приредувачите на овие игри, ваквото законско решение претставува фасада за скриената намера за целосно затворање на нивните објекти.

Во меѓувреме, државата паралелно се обидува да воспостави и нови играчи на пазарот во интернет просторот, заобиколувајќи ги веќе постоечките, реагираат од Асоцијацијата на обложувалници на Македонија. Државна лотарија објави повик за склучување на договори со заедничко вложување со три нови компании за организирање на онлајн игри на среќа, во кои Државна лотарија ќе има доминантно учество со 51 насто.

Тројца членови на Лотарија блиски до Артан Груби

За работата на Државна лотарија се одговорни Управниот одбор, кој носи одлуки за работата на акционерското друштво и Надзорниот одбор кој врши контрола на материјално – финансиското работење. Работниот бекграунд на тројца од нив упатува на директна поврзаност со вицепремиерот Артан Груби.

Членови на Надзорен и Управен одбор на Државна Лотарија
Членови на Надзорен и Управен одбор на Државна Лотарија

Во Управниот одбор има четири члена. Претседател е Перпарим Бајрами, заменик претседател е Андреј Крстевски. Другите двајца членови се Христа Најдонов и Шабан Амзовски.

Перпарим Бајрами од шеф на Кабинетот на вицепремиерот Артан Груби, во јануари 2021 година стана член на Управниот одбор на Државна лотарија. Една година подоцна, во јануари 2022 година, Бајрами доби „џек - пот“ позиција, станувајќи генерален директор на акционерското друштво.

Уште еден член од Управниот одбор на Државна лотарија доаѓа од министерството на Груби. Јавните податоци за Шабан Амзовски покажуваат дека со одлука од 4 јуни 2021 година, тој бил вработен во Министерството за политички систем.

Одлука за вработување на Шабан Амзовски во Министрството за политички систем и односи меѓу заедниците. Датум на документ 4 јуни 2021 година
Одлука за вработување на Шабан Амзовски во Министрството за политички систем и односи меѓу заедниците. Датум на документ 4 јуни 2021 година

Амзовски е избран како помлад соработник за стратешко планирање, креирање на политики и следење во Одделението за стратешко планирање, креирање на политики и следење во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во неговата биографија објавена на сајтот на Државна лотарија, пишува дека претходно во периодот од 2017 - 2020 година, бил на позицијата односи со јавност во Секретаријатот за европски прашања, во тоа време раководен од вицепремиерот Бујар Османи.

Ист ваков документ за вработување за иста позиција како и Амзовски во оваа институција постои и за Башким Авдији. Тој од крајот на април 2022 година е и член на Надзорниот одбор на Државна лотарија. Во Надзорниот одбор заседаваат пет члена.

Во одлуката за избор на кандидати за вработување во Министерството за политички систем објавена на 21 март 2022 година, Авдији добива „зелено светло“ за вработување заедно со Сезар Груби, за кого медиумите објавија дека е роднина на вицепремиерот Артан Груби. За неговиот случај опозицијата обвини за класичен непотизам и партизација на институцијата.

Одлука за вработување на Башким Авдији во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Документ од 21 март 2022 година.
Одлука за вработување на Башким Авдији во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Документ од 21 март 2022 година.

Сопственици на компании кои директно водат до „Арбериа Дисигн“ и „Арс Ламина“

Радио Слободна Европа ги „скенираше“ јавните набавки кои Државната лотарија ги спроведува од почетокот на 2022 година до сега, период од кога друштвото функционира со изменет состав во раководството и го добива новиот генерален директор, Перпарим Бајрами.

Проверката на сопственичката структура на компаниите добитници открива дека голем дел од тендерите ги добиваат фирми кои се блиски или се роднински поврзани со „Арберија дизајн“ и „Арс Ламина“, компании кои нецела деценија, од 2014 година се издавачки куќи со ексклузивни договори за печатење на учебници по наставната програма „Кембриџ“.

На 26 јуни 2023 година, Државна лотарија склучила договор за јавна набавка со „Арбериа десигн“ за сума од 17.700.000 денари или 287.804 евра. „Арбериа десигн“ за период од една година ќе работи на ребрендирање на корпоративниот бренд и рекламна кампања за Државна лотарија.

Оваа компанија во 2015 година беше една од најголемите донатори на политичката партија ДУИ. Минатата година, го доби и тендерот од Министерството за политички систем за организирање на годишнина од прославата на Рамковниот договор.

Радио Слободна Европа испрати прашања до компанијата за тоа „на кој начин ја оправдува коинциденција за тендерите во Државна лотарија да ги добиваат компании чии сопственици меѓусебно се поврзуваат со „Арбериа Десигн“. Одговори не добивме.

Таква компанија е „ДЕМНЕТ ДОО Скопје“. Нејзината сопственичка структура покажува директна поврзаност со „Арбериа Десигн“.

„ДЕМНЕТ ДОО Скопје“ има склучено четири тендери во вредност од 3.422.000 денари или 55. 642 евра. Едниот од нив е за мрежна компјутерска инсталација, додека другите три во иста вредност од 354.000 денари се за системи за видео надзор на продажни места и службени простории на дирекцијата на Државна лотарија.

Сопственичка структура на „ДЕМНЕТ ДОО Скопје“ Извор: Бизнис мрежа
Сопственичка структура на „ДЕМНЕТ ДОО Скопје“ Извор: Бизнис мрежа

Компанијата „ДЕМНЕТ ДОО“ е во сопственост на двајцата партнери Ермир Хамзаи и Дашмир Адеми. Компанијата ја регистрирале на 11 мај 2022 година. Неполни четири месеци подоцна, на 12 септември 2022 година, компанијата го добива и првиот тендер во Државна лотарија.

Ермир Хамзаи, всушност, е син на сопственикот на „Арбериа Десигн“, Хасим Хамзаи. Ермир Хамзаи досега не бил јавно експониран како неговиот татко. Неговото име и презиме, сепак, може да се најде и во документи за јавни набавки во кои „Арбериа Десигн“ склучувала договори со институциите.

Името на Ермир Хамзаи се појавува заедно со неговиот татко, Хасим Хамзаи како претставници на „Арбериа Десигн“ во набавка со Јавното претпријатие за Железничка инфраструктура во мај 2023 година
Името на Ермир Хамзаи се појавува заедно со неговиот татко, Хасим Хамзаи како претставници на „Арбериа Десигн“ во набавка со Јавното претпријатие за Железничка инфраструктура во мај 2023 година

Дашмир Адеми, исто така бил дел од издавачката куќа. Во напис на порталот „Призма“, Адеми во 2018 година раководел со скопската канцеларија на „Арбериа Десигн“.

На веб -страницата на „Арбериа Десигн“ пишува дека канцелариите во Скопје се наоѓаат на улицата 50 девизија бр. 21 / Лок. 2. Всушност, тоа е истата адреса каде Ермир Хамзаи (синот на газдата на „Арбериа Десигн“) и Дашмир Адеми ја регистрирале компанијата „ДЕМНЕТ ДОО“, покажуваат податоците од Бизнис мрежа.

Покрај тендерите во Државна лотарија, „ДЕМНЕТ ДОО“ има добиено и еден тендер во Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во вредност од 233.640 за одржување на систем за евиденција за работно време.

Радио Слободна Европа телефонски се обрати до Ермир Хамзаи. Ни побара прашањата да ги доставиме во електронска форма, но, одговори не добивме.

Податоците од Бизнис мрежа покажуваат дека „Литера Гроуп ДООЕЛ Скопје“ е компанија регистрирана на 14 ноември 2017 година. Од формирањето на компанијата до сега, како единствен сопственик се води Афет Иљази од Тетово. Медиумските записи покажуваат дека во 2021 година бил уредник во издавачката куќа „Арбериа Десигн“. Своевремено, Иљази бил и лице за контакт во тетовската издавачка компанија во тендерските постапки.

Во 2018 година, Афет Иљази се појавува како лице за контакт во тетовската фирма „Арбериа Десигн“, каде сопственик е Хасим Хамзаи.
Во 2018 година, Афет Иљази се појавува како лице за контакт во тетовската фирма „Арбериа Десигн“, каде сопственик е Хасим Хамзаи.

„Литера Гроуп“ има добиено седум тендери во Државна лотарија. Првиот добиен тендер датира од 31 август 2022 година. Вредноста на седумте склучени договори изнесува 17.464.000 денари или 283.967 евра.

Најголемиот склучен договор е во вредност од 7.080.000 денари или 115.121 евра за печатени и брендирани материјали за поддршка на продажбата и промотивните активности на Државна лотарија. Другите јавни набавки на кои компанијата победила се генерално од истата област – промотивни, брендирани и канцелариски материјали, услуги од маркетинг агенција, организација и изведба на промотивни настани.

Покрај тендерите во Државна лотарија, системот на јавни набавки покажува дека „Литера Гроуп ДООЕЛ Скопје“ има добиено по два тендери во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Артан Груби, Министерството за правда, Универзитетот во Тетово и еден во Државниот завод за индустриска сопственост.

Афет Иљази, сопственик на „Литера Гроуп“ (лево) и Ермир Хамзаи (десно), сопственик на „Демнет ДОО“ и воедно син на газдата на „Арбериа Десигн“ (Фотографија преземена од Фејсбук профилот на Ермир Хамзаи)
Афет Иљази, сопственик на „Литера Гроуп“ (лево) и Ермир Хамзаи (десно), сопственик на „Демнет ДОО“ и воедно син на газдата на „Арбериа Десигн“ (Фотографија преземена од Фејсбук профилот на Ермир Хамзаи)

Радио Слободна Европа го побара телефонски Афет Иљази. Му кажавме дека ги обработуваме тендерите во Државна лотарија, меѓу кои е и неговата фирма. Првото прашање до него беше дали е се уште уредник во „Арбериа десигн“, при што ни одговори дека „работел во компанијата во делот на администрација до 2021 година, но, не бил уредник“. Комуникацијата со прашања и одговори побара да ја префрлиме во електронска форма.

На барањето за коментар од негова страна за коинциденцијата лица кои се поврзани со „Арбериа Десигн“ да добиваат тендери во Државна лотарија, ни одговори:

„Во врска со вашите прашања, поврзани со тендерите во Државна Лотарија одговорите за истите може да ги најдете во веб - страната Биро за јавни набавки. А во однос на прашањата за останатите правни субјекти, истите се различни правни лица, секој од нив со своја дејност на работење“, одговорија од „Литера Гроуп“.

Компанија со слично име и со исто презиме на една од сопственичките исто така е на листата на добитници на тендери во Државна Лотарија. Станува збор за „Литера академи ДОО Тетово“, во сопственост на Вјоса Иљази и Самије Љимани Муслиу. Основана е на 29 август 2022 година со адреса во Тетово.

Центарот за обука и професионален развој на возрасни, неформално образование „ЛИТЕРА Академи ДОО“ добило еден тендер за „организирање обуки внатре и надвор од државата“ за сума од 5.000.000 денари или 81.300 евра.

На Фејсбук профилот на Афет Иљази, сопственикот на „Литера Гроуп“ може да се забележат неколку објави споделени од истоимената Фејсбук страница, каде се промовираат прирачници за ученици. Во описот на објавите стои дека тие може да се нарачаат „во канцеларијата на издавачката куќа, лоцирана на улица Иво Лола Рибар, бр. 110“. Тоа е адресата на „Литера академи“ во Тетово, која е во делумна сопственост на Вјоса Иљази.

Фејсбук објава од „Литера Гроуп“
Фејсбук објава од „Литера Гроуп“

Иако го прашавме, Афет Иљази не одговори на прашањето дали и во какво сродство е со Вјоса Иљази.

Покрај фирмите кои се поврзуваат со „Арбериа Десигн“, проверките на тендерите покажуваат дека и друга компанија, која е во тесни врски со издавачката куќа „Арс Ламина“ е добитник на тендери во Државна лотарија.

Станува збор за скопската компанија „Поинтер“. Оваа фирма добила четири тендери во Државна лотарија во времето од јули 2022 година до сега. Вредноста на склучените договори изнесува 61.950.000 денари или 1.007.317 евра. Договорите се однесуваат на услуги за маркетинг поддршка, организација и обезбедување на награди за наградни игри, закуп на веб портали за пропаганда и маркетинг кампања.

Историјат на сопственичка структура на компанијата „Поинтер“
Историјат на сопственичка структура на компанијата „Поинтер“

Како поранешни сопственици на „Поинтер“ до 2019 година се јавуваат имињата на Дарко Фиданоски и Слободан Голубовски. Тоа се всушност актуелните сопственици на издавачката куќа „Арс Ламина“. Во ноември 2019 година и двајцата се избришани од сопственичката структура на компанијата. Како нов сопственик и управител е заведен Зоран Фиданоски, кој е брат на Дарко Фиданоски, еден од сопствениците на „Арс Ламина, покажуваат податоците од Бизнис мрежа.

Зоран Фидановски за Радио Слободна Европа вели дека „Поинтер“ е една од најстарите рекламни агенции основана во 2002 година, која соработува со голем број на македонски и странски компании. За Фиданоски нема ништо спорно во склучените договори со Државна лотарија.

„Сме учествувале на повеќе тендери во изминатите години и на некои од нив сме биле успешни, односно сме склучиле договори. Таков пример е и Државна лотарија, каде сме учествувале на повеќе огласи за јавни набавки од областа на дизајнот, рекламирањето и маркетингот, а на некои од нив сме биле успешни. „Поинтер“ и во минатото има склучено договори за јавни набавки со Државна лотарија, што е доказ за нашата квалитетна работа и посветеност на проектите. Оттука вашите „впечатоци„ се целосно неоправдани“, изјави Зоран Фидановски за РСЕ.

Радио Слободна Европа се обрати до Државна лотарија со прашања кои се однесуваат на овие наоди, но, и низа други прашања за донесени одлуки и менаџирањето на акционерското друштво. Наместо одговори, добивме барање да се обратиме повторно.

„Во последно време Државна лотарија е мета на јавни обвинувања шпекулации и невистини, посебно цениме што се обраќате до нашата институција за добивање релевантни податоци. Изразувајќи желба за соработка со Вас, за добивање на потребните информации содржани во Вашите прашања, Ве молиме да се обратите до нашата институција со барање за добивање информација од јавен карактер“, се вели во одговорот испратен до РСЕ.

Државна лотарија со намалени приходи и зголемени расходи

Во низата прашања до Државна лотарија, дел се однесуваа и за финансиското работење на друштвото во последните две години. На увид го побаравме и финансискиот извештај за 2022 година со цел да направиме споредба во финансиските резултати во споредба со 2021 година.

Од Државна лотарија не добивме позитивен одговор на барањето да ни ги достават поединечните и консолидирани финансиски извештаи за 2022 година. Како и за другите прашања и за ова не упатија да поднесеме барање за слободен пристап до информации од јавен карактер. На веб – страницата на Државна лотарија недостига овој документ. Иако од 2021 и годините наназад, овие извештаи се уредно се закачени на нивниот сајт.

Во соопштение испратено до сите медиуми на 3 октомври, Државна лотарија вели дека финансиските резултати на друштвото во 2022 година, во однос на 2021 година, бележат раст од 32% и очекуваат тој тренд да продолжи и идните години.

Радио Слободна Европа ги извади од Централниот регистар годишната и консолидираната годишна сметка на Државна лотарија за изминатите за 2022 година. Анализата на податоците покажува поинакви резултати од оние кои ги претставува акционерското друштво.

Доколку се направи споредбена анализа на вкупните приходи на компанијата во периодот 2022/2021 година, а притоа не се земат во предвид финансиските приходи кои компанијата ги остварува по основ на вложувања во поврзани друштва, односно приходи од исплатена дивиденда, се доаѓа до негативни резултати во работата.

Инфографика - Сметките на Државна лотарија за 2021 и 2022 година
Инфографика - Сметките на Државна лотарија за 2021 и 2022 година

Вкупните приходи на друштвото од работењето во 2022 година, изземајќи ги приходите од исплатена дивиденда, во споредба со 2021 година се намалени за околу 7.500.000 денари.

Доколку, пак, се направи споредбена анализа на вкупните расходи за 2022/2021 година, се согледува дека истите се значително зголемени за над 90.000.000 денари.

Ова зголемување на вкупните трошоци е во услови кога во истиот период друштвото бележи намалување на вкупните приходи во работењето.

Ако се разгледа нето добивката за изминатите две години и се изземат финансиските приходи кои компанијата ги остварува по основ на вложувања со поврзани друштва, за 2022 година е негативна. Друштвото остварило реална загуба во износ од околу 19.000.000 денари или над 300.000 евра.

Финансиските приходи кои Државна лотарија ги остварува по основ на вложувања во поврзаните друштва се намерно изземени од разгледување, со цел да се добие вистинската слика за нејзиното работење – за приходите и трошоците и реализираниот финансиски резултат.

Нови три фирми под капа на Државна лотарија

Игрите на среќа во онлајн сферата добија предзнак на политички игри. Обвинувањата на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се дека ваквите одлуки ги турка првиот вицепремиер во владата од ДУИ и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, чии вработени се дел од управувачките тела на Државна лотарија – односно во Управниот и Надзорниот одбор.

Асоцијациите кои ги застапуваат интересите на автомат клубовите и обложувалниците се сомневаат дека се работи „исклучиво за задоволување на лични бизнис апетити во кои се жртвува цел економска гранка за да царуваат фирми на кои ќе им се дозволи да организираат игри на среќа без лиценци и без ниту еден вработен“.

Вицепремиерот Артан Груби во интервју на Канал 5 телевизија на 5 октомври кажа дека денот кога е донесена одлуката за три нови онлајн за коцкање, претседавал со седницата и ја потпишал одлуката. Груби наведе дека дека тоа е само една од низата одлуки на кои ставил свој потпис во отсуство на премиерот Димитар Ковачевски.

„Сега државата со удел од 51 отсто ќе ги контролира трите фирми за интернет игри на среќа, а парите од даноците ќе останат дома наместо да одат на сметки во странство. Сакаме дистанца од половина километар на казината и сега кој сака ќе се обложува ама дома и од тоа ќе се слеваат пари во Буџетот“, рече Груби на Канал 5.

На три дена пред истекот на рокот за доставување на понуди (20 октомври) за нови три компании кои заеднички со Државна лотарија ќе организираат онлајн игри на среќа, тендерска документација подигнале повеќе од 10 компании. Повеќе од половината, како што соопштија од Државна лотарија, се регистрирани и со седиште во земјава.

Тендерска документација подигнале и компании кои во моментот веќе работат во државата. Од Асоцијацијата која ги застапуваат интересите на обложувалниците посочија дека и нивни компании подигнале тендерска документација за повикот, исклучиво да се запознаат со критериумите, иако не можат да аплицираат бидејќи не ги исполнуваат условите. Еден од нив е да имаат искуство во приредување на онлајн игри на среќа и да имаат остварено приход од нив од најмалку 40 милиони евра за последните три години, односно од 2020 до 2022 година.

Лиценци за бугарска мафија?

Иако повикот се уште е затворен, на серија прес - конференции од партиското седиште, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски тврдеше дека во земјава веќе е договорен влез на „фирми за онлајн коцкање на бугарската мафија“. Стоилковски во неколку наврати реторички праша и дали договорот за влез во онлајн игрите на среќа во Северна Македонија е направен уште пред да се распише огласот на Државна лотарија со Бугаринот Васил Бошков, со прекар Черепот.

„Черепот е лице кое се сомничи и се доведува во врска со сериозни кривични дела, но, и со врски со Пригожин и Русија. Кој е мотивот на власта, а пред се Груби од истиот да сакаат да направат бизнис партнер на Македонија“, праша Стоилковски.

Овие наводи Стоилковски не ги поткрепи со никакви докази и обвинувањата останаа во сферата на шпекулациите.

ВМРО-ДПМНЕ е против формирањето на три нови компании кои заеднички со Државна лотарија ќе ги организирале онлајн игрите на среќа. Опозициската партија смета дека со ваквиот потег е незаконски и се врши партизација на игрите на среќа.

Во интервјуто за Канал 5, вицепремиерот Груби негираше дека го познава Бугаринот Васил Бошков – Черепот. Според сознанијата на Груби, до 5 октомври на повикот на Државна лотарија се нема пријавено ниту една компанија од Бугарија. Груби верува дека ниту една бугарска компанија нема да добие една од трите лиценци.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG