Достапни линкови

Бугарски капитал доминантен на македонскиот пазар со брзи кредити


Приказ на приходите на фирми за брзи кредити на македонскиот пазар во сопственост на македонци и странци
Приказ на приходите на фирми за брзи кредити на македонскиот пазар во сопственост на македонци и странци

УЈП и Министерството за финансии во изминативе пет години откриле низа неправилности во десетина фирми за брзи кредити, при што 13 се казнети, но висината на казните не ја откриваат. Две третини од добивката во овој сектор го добиваат фирмите основани со странски капитал, покажува анализата на РСЕ.

Бизнисот со брзи кредити во првото тромесечје од годинава „тежел“ 154 милиони евра, што е за речиси 35 милиони евра повеќе од истиот период минатата година, покажуваат податоците од Народна Банка.

Пред само три години овој сектор „тежел“ двојно помалку, односно 77 милиони евра годишно. Со растот на приходите пораснал и бројот на фирми кои се занимаваат со небанкарско кредитирање на население. Од 30 финансиски друштва во 2020 година за три години се отворени плус пет нови, покажува регистарот на Министерството за финансии.

За разлика од банките, чија работа ја регулира Народна банка, друштвата се регулирани од Министерството за финансии, па кредити даваат многу полесно, а ризикот го наплаќаат со високи трошоци за кредитите.

Профит на фирмите за брзи кредити
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:25 0:00

Најголемиот дел од добивката од зделките со брзи пари во земјава завршува на салдото на компаниите кои се основани со странски капитал, покажува анализата на податоците од завршните сметки на овие компании.

Минатата година вкупната добивка на сите 35 фирми изнесувала речиси 16 милиони евра од кои колачот од 12 милиони евра го делат фирмите на сопственици од други земји.

Инфографика - Продавници за пари во Македонија
Инфографика - Продавници за пари во Македонија

Според податоците од Централниот регистар 12 од вкупно 35 фирми за брзи кредити се основани со странски капитал.

Милионери од Русија, Летонија, Чешка, Естонија, а најмногу од Бугарија, на македонскиот пазар поседуваат фирми кои нудат небанкарски кредити, односно продавници за кеш. Од 12 фирми основани со странски капитал, дури седум се во сопственост на бугарски бизнисмени и милионери. И токму кај нив завршила половина од вкупната заработка од 16 милиони евра на сите финансиски друштва, односно 8 милиони евра.

Бугарските компании минатата година оствариле приход од 23 милиони евра, а во Управата за јавни приходи (УЈП) пријавиле добивка од речиси 8 милиони евра. За разлика од нив, останатите пет компании лани имале прилив од 30 милиони евра, ама прокнижиле помалку пари како добивка, само 4,1 милион евра, па следствено уплатиле и помал данок на државата.

Бугарските бизнисмени ќаруваат половина од вкупната добивка

Една од најбрзо растечките фирми со брзи кредити основана со бугарски капитал е фирмата Флекс кредит отворена во 2020 година. За само две години во Северна Македонија отвори 61 продавница за брзи пари. Во 2021 година оствари 4 милиони евра приход кој во 2022 година порасна на 9,7 милиони евра. Добивката лани на оваа фирма и изнесувала 4,8 милиони евра, што е двојно повеќе во однос на претходната година.

Во македонскиот Централен регистар, како основач на Флекс кредите е заведена бугарската фирма Ем Ви Финансе (MVFinance), меѓународна финансиска групација која вклучува компании специјализирани за кредитирање на потрошувачи во Источна и Јужна Европа од 2013 година.

Флекс кредит во сопственост на брат и син на поранешна бугарска министерка

Според македонскиот регистар на вистински сопственици зад фирмата „Флекс кредит“ стојат Даниел Николаев Летчев и Мартин Манол Велев.

Летчев е брат на сега веќе поранешната министерка за млади и спорт во Бугарија, Весела Лечева. Според податоците до кои дојде Бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа, тој е сопственик на хотели и ланец казина низ државата преку капиталот од „Ем Ви Финансе“ во чие управување учествуваат и Николај Пенчев и Мартин Велев. Според податоците од бугарската дата база „Отворено.бг“ овие тројца се партнери во десетици други компании.

Името на Даниел Лечев низ годините неколку пати беше вмешано во скандали. Раководел со казина кои според финансиската инспекција работеле незаконски и биле во сопственост на личност од „подземјето “. Лечев во отворените дата бази на Бугарија се јавува во 18 фирми, некаде како сопственик, а некаде како директор или член на управен одбор.

Вториот сопственик на македонското финансиско друштво е Мартин Велев, син на Манол Велев и поранешната министерка Лечева. Манол Велев според бугарските медиуми бил бизнисмен за кој постоеле сомнежи дека е повразан со подземјето. Тој официјално се занимавал со казина, трговија на големо при што ги поседувал најголемите магацини во Софија во 1990-тите, многу ресторани, хотели, а имал обиди да влезе и во медиумскиот бизнис. Манол Велев беше застрелан во 2007 година и остана во кома 15 години до неговата смрт во 2022 година.

Неговата сопруга Весела Лечева е политичар од бугарската социјалистичка партија, и неколку пати досега била пратеник. Во периодот 2022-2023 година беше министер за спорт во преодната влада назначена од претседателот Румен Радев. Мартин Велев наследил дел од бизнисите на неговиот татко, покажуваат податоците од Бугарскиот сервис на РСЕ.

Андоновски - На должниците за брзи кредити им се заканувале со насилство
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:55 0:00

Втора на ранг листата со милионска добивка е бугарската М-кеш

На листата најпрофитабилни фирми во земјава за брзи кредити во први пет влегува македонската подружница на бугарската компанија „М-Кеш“. Според податоците од Централниот регистар со 51 продавница за пари, оваа фирма лани имала прилив од 7,1 милион евра, од кои на добивка отпаѓаат само 1,5 милиони евра.

Претходната 2021 година била за малку послаба, приходите изнесувале 5,4 милиони евра, додека нето добивката милион евра. Сопствениците на мајката фирма основач на „М -Кеш“, „Изи Сет менаџмент“ се Неделчо Спасов и Станимир Василев, кои според бугарските дата бази држат една третина од пазарот со брзи кредити во Бугарија. Според јавната бугарска дата база на податоци тие се сопственици на уште седум други фирми и фондација кои се занимаваат со финансиски услуги.

Заработката од брзи кредити на сметка во даночниот рај Малта

Дел од македонскиот пазар за брзи кредити е и бугарската коорпорација Кредисимо. Според бугарската база на податоци „финасии.бг“, во портфолиото на бугарската корпорација како 100 процентен сопственик е заведена фирма под името „Кредисимо Холдинг Лимитед“ основана во „даночното засолниште“ Малта.

Како претседател на управниот одбор на директори се јавува името на бугарскиот бизнисмен Сокол Радостинов Јанков, кој според македонскиот регистар е преставен како краен сопственик на македонската подружница „Кредисимо“. Оваа подружница е основана во 2016 година со влог од 100 илјади евра.

Во последните две години брои милионски приходи. Лани вкупните приходи од работењето изнесувале 3,7 милиони евра што е за еден милион повеќе од претходната година, додека добивката лани пораснала на милион евра.

На почетокот на годинава Сокол Јанков од бугарското Обвинителство бил повикан како сведок во истрагата за продажба на криптовалути во Бугарија преку компанија Нексо во која бил коосновач.

Министерството за финансии лани казнило 13 фирми

Од УЈП во изминативе пет години направиле 19 контроли на 14 финансиски друштва за да проверат дали точно пресметале колкав данок треба да и платат на државата. При проверката кај шест фирми биле утврдени низа неправилности, како на пример неточна пресметка на данок како и ненавремено уплатен.

„По основ на данок на додадена вредност биле извршени четири контроли со утврдени неправилности неточно искажан влезен данок,“ се вели во одговорот на УЈП.

Оттаму не откриваат детали кај кои фирми се утврдени неправилностите.

Министерството за финансии лани направило теренска контрола во 16 фирми за брзи кредити при што инспекторите напишале 13 парични казни и 22 мерки за поправка на грешките.

„Глобите кај овие друштва се изречени по Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити“, се вели во одговорот на Министерството. Ни оттаму не откриваат детали ниту за висината на казните, ниту идентитетот на казнетите.

Народна Банка - Брзите кредити ризик за презадолженост на граѓаните

Кратката процедура за овие брзи кредити од половина час и со еден документ ги прави примамливи за граѓаните, кои често не се информирани дека зад ова стојат високи каматни трошоци.

Според калкулаторите кои се објавени кај дел од финансиските друштва, каматите за овие брзи кредити изнесуваат од 10 до 20 проценти, додека казнените пенали во некои од овие фирми за доцнење со уплата на рата на дневна основа се од 900 до 1500 денари.

Според анализата на Народната банка, фирмите за брзи кредити се мал, но динамичен сегмент од финансискиот систем кој носи ризик за презадолженост кај граѓаните.

„Па дури и од неодржлива задолженост на одделните слоеви од населението или поединечни правни лица, од една страна поради високите цени, особено високите други надоместоци коишто дел од финансиските друштва ги наплатуваат на одобрените кредити“,се вели во извештајот на Народна банка

Оттаму додаваат дека на овој ризик влијае и фактот дека финансиските друштва овозможуваат кредити за клиенти со послаба кредитоспособност, коишто потешко се квалификуваат за кредити од Банки.

Со ризиците кои ги посочува и Народната банка се согласува и Народниот правобранител Насер Зибер кој споделува пример од граѓани кои поднеле преставка до него.

„Земен кредит од 9.000 денари, за доцнење со негова исплата навистина како во рекламите, не се наплатува камата, меѓутоа се наплатуваат други огромни трошоци. Така за конкретниот пример на име достасан надоместок наплатени се 2.026 денари, за надоместок за доцнење дури 58.846, денари, па кога на ова ќе се додаде износот за пратената опомената 5.900, денари долгот ја достигнува сумата од 75.772 денари, што е сума за осум пати поголема од главнит долг,“ рече Зибери.

Јовановиќ- Институциите да ги сфатат посериозно сомнежите за фирмите со брзи кредити

Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ смета дека фирмите за брзи кредити се друштва кои работат со високи маржи, а ниски трошоци и многу е сомнително ако некое од таквите друштва прави мала заработка, при висок прилив на пари. Според него македонските институции кон фирмите за брзи кредити имаат пристап со кој „им се прогледува низ прсти“. Впечатокот е како да не се сфаќаат доволно сериозно, вели тој.

„Мислам дека тоа е погрешен пристап, дека треба малку построго да се постапува со нив. Не можам да кажам зошто на некој начин им се прогледува низ прсти, но, постојат одредени тези дека се тоа моќници кои се блиски до одредени луѓе од власта, но не можам да кажам ништо поконретно и дали навистина е така. Но, она што мора да се направи е да се гледа подобро и ако постојат такви сомнежи задолжително да му се прати инспекција и да се провери што се случува“, објаснува тој.

Според Јовановиќ економската логика налага дека профитната маржа кај фирмите за брзи кредити е поголема од банкарската, затоа што вкупните каматни трошоци се ограничени на околу 50 проценти, што е неколкукратно повисоко од банкарските.

Податоците од завршните сметки на фирмите покажуваат дека фирмите за брзи кредити во просек книжат добивка во распон од 10 до 50 отсто од приходите.

Фирмите на странските милионери со големи приходи, но помали добивки

Лани само две компании основни со странски капитал низ свои раце свртеле речиси 30 милиони евра, и тоа фирмата Финтек на „летонискиот крал на брзите кредити“ за која пишувавме во претходниот текст и естониската „ИУТЕ Кредит“.

Најголем приход за една година остварила фирмата ИУТЕ Кредит која е во сопственост на двајца жители на Естонија, Алар Нинепу и Тармо Силд. Со основачки влог од речиси три милиони евра, лани оваа фирма остварила 15 милиони евра приходи од кои на добивка отпаѓаат само 170 илјади евра.Претходната 2021 година приходот изнесувал 11, 3 милиони евра, а добивката 1,2 милиони евра. Разликата е во тоа што компанијата во завршната сметка до Централниот регистар навела дека се зголемени трошоците за работа лани во однос на претходната година.

Американец спомнат во „Панама пејперс“ со фирма во Охрид

Во папката странци основачи на македонски фирми за брзи кредити се среќава и името на Американецот Нејтан Џорџ Хал, од Јута. Со влог од 700 илјади евра, отворил финансиско друштво во Охрид под името Монимакс Финансиско уште во 2015 година. Завршната сметка покажува дека минатата година стекнал речиси 400 илјади евра приходи од кои како добивка се евидентирани 100 илјади евра. Неговото име се појавува и во оф шор дата базата која протече во јавноста позната како Панама Пејперс. Според нивната мапа, тој се појавува како директор во една и акционер во друга фирма во даночното засолниште Британските Девствени Острови.

Според последните измени на Законот за финансиски друштва, во земјава може да се отвори фирма за брзи кредити со основачки влог од 100 илјади евра. Законот вели дека финансиското друштво може да креира кредити најмногу до десеткратниот износ на основната главнина и резервите.

Радио Слободна Европа ги истажуваше фирмите кои го сочинуваат македонскиот пазар за брзи кредити. Една од копманиите кои ги истражувавме е во соственост на рускиот олигарх кој е под санкции во три држави Олег Бојко. РСЕ откри дека дел од овие фирми се во сопственост на европски милионери како Летонецот Аигарс Кесенфелдс и Чехот Давид Беран. Во листата на македонски државјани кои поседуваат фирми за брзи кредити се појавија роднини и блиски на македонски политичари.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG